За почетоците на Beer.js
Како за почеток, чисто да го скршиме мразот: краток напис за тоа како почна Beer.js Скопје.
Beer.js Скопје го имаше можеби и најдосадниот тип на почеток што можам да го замислам - безвезен клик на линк од feedly, што носеше некаде каде што го имаше https://github.com/beerjs. Два кликови подоцна, мотивиран од „е ај да видам што ќе се случи“, побарав официјално дозвола за event во Скопје (https://github.com/beerjs/meta/issues/98). Lo and behold, неколку дена подоцна, ме додадоа во организацијата и ми направија repo (што патем, до денес е на „coming soon“ - примаме PRs 😊).
Почнав да размислувам околу место, набавување пиво, презентации и слично. Излезе дека не е така едноставно и дека додека наредиш се, знае да стане прилично стресно. За среќа, се најдоа Coffice и Abix како поддржувачи. Coffice ни даде простор (фала Даниела!), Abix помогнаа околу логистиката со банери, проектори и најважно од се, пиво (фала Боро!). Брзо потоа успеав да „излажам“ и презентери - Делев и Марко. Голема благодарност и до нив двајца 😊.
За да не „давам“ околу деталите на организацијата (hint: не е интересно), ќе скокнам на реализацијата. Првиот beer.js помина далеку подобро од што се надевав. Очекував околу 20 луѓе и очекував сите да ги познавам. Се појавија 60ина, едвај не собра во Coffice, повеќето беа лица што првпат ги гледам. Супер, помислив, валидација на идејата - имало публика сепак за ова. Публика што дури и учествуваше со прашања и публика од која успеав да најдам презентери за следното издание на настанот. Пивото сигурно помогна - верувам дека бесплатно пиво може да биде многу добар мотиватор за посетеност. Но, со оглед на тоа дека и не се рекламиравме нешто посебно, не мислам дека имаше многу „падобранци“.
Пост настанот, почнав да развивам поголем интерес за слични настани што се одржуваат надвор од Македонија. Чисто заради искуствата и како може и Beer.js Skopje да биде подобар. Сосема неочекувано налетав на одличен мотиватор за да продолжам да го организирам - љубомора 😊. Како и да звучи, кога повеќето наши соседи имаат по 10 настани месечно, посветени на програмирање и софтвер - зошто да ги нема кај нас? Секако, не сме толку голема заедница ама не гледам причина да немаме по 3, на пример.
Имав амбиција да го организирам по еднаш месечно, што и не се покажа како многу практично. Работни патувања, неколку конференции и застој од речиси 10 месеци. Што ме натера да научам уште една лекција - не е добра идејата ова да биде “one man show” (другпат повеќе за тоа). Не ни е толку голема публиката сепак, луѓето се заситуваат од репетитивност. Затоа и решивме да го проретичиме подоцна и да се случува по еднаш на 2-3 месеци, не мора да биде редовен. Имено и самата природа на настанот е неформална и не сметам дека има потреба строго да се држиме до дати и распоред.
Како за крај:
- Отворени сме за предлози за презентации - слободно пишете ни на [email protected]
- На блогов му требаат написи - слободно пуштете PR на https://github.com/DBozhinovski/blog.beerjs.