За растот, логистиката, финансиите и што понатаму
Како што споменав во минатиот блог напис, време е да поразговараме за големината на BeerJS Скопје и што значи тоа за иднината.
Скопскиот BeerJS порасна во еден од најголемите на планетава. Редовно имаме публика од 200 и повеќе. Бројка со која што некои конференции не можат да се пофалат. Стигнавме до стадиум каде што мора „посериозно“ да поразговараме на темата.
Бидејќи настанот почна со идејата “by the community - for the community”, тоа нема никогаш да се смени. Настанот во овој формат останува бесплатен. Како и секогаш, сите се добродојдени. Сепак, ќе мора да обрнеме повеќе внимание на дисциплината на публиката и за заштита на кредибилитетот на самите презентери. На сите ни е јасно дека примарната цел на настанот е дружење и споделување знаење. Сите ја сакаме дружбата, но во следните настани, таа ќе мора да се одвива на начин што нема да пречи прво, на самите презентери, потоа, на оној дел од публиката што е дојден да ги ислуша. Кратко речено, ќе бидеме построги „редари“. Локациите што ги одбираме за одржување на настаните овозможуваат непречена коегзистенција – и веруваме дека може да бидеме многу подисциплинирана публика. За сите да си поминеме најдобро на свет.
За логистиката и големината на тимот не би должел многу, затоа што ќе почне да звучи како да се жалиме. Тоа воопшто не ни е целта, сите во тимот на DeveD и BeerJS Скопје, го правиме ова што го правиме затоа што сакаме. Но, сите имаме обврски и времето што можеме да го посветиме не е неограничено. Отворени сме за волонтери и нови членови на организацијата во секое време.
Тоа што станува се поочигледно е дека за да продолжиме со овој квалитет, ќе мора да еволураме, и да ја зголемиме финансиската одржливост на настанот и организацијата. Каква и да е формата во која ќе еволуира ова, остануваме на ставот дека не го правиме ова примарно заради профит. Всушност, тоа е една од причините за основањето на Deved - за да се осигураме дека и правно ќе остане така.
Колку и да сакаме, фактури не можеме да плаќаме со ентузијазам . Во следниот период, активно ќе работиме на развивање на профилот за донации (кој постои веќе неколку месеци), со цел да обезбедиме средства за непречено функционирање и развој на настанот. Вистината е дека активноста на ова поле треба и мора да се подобри. Иако сме благодарни на секој поединечен спонзор, средствата од спонзорства на настани дефинитино не е стабилен извор што овозможува целокупна одржливост. Тоа е долга тема само по себе, што ветувам дека ќе ја обработам во друга прилика.
Дискутиравме неколку идеи интерно и решивме да направиме неколку експерименти, со надеж дека можеби ќе функционираат за финансиската одржливост и раст на BeerJS:
1. Swag store
Почнавме да работиме на premium swag. Дел од тоа (се надеваме) дека ќе успееме да покажеме на роденденскиот BeerJS. Доколку стигнеме ќе отвориме и преднарачки за истиот. Stay tuned, навистина е добар 😉
2. Работилници и едукација
Заради големата мрежа на професионалци што ја имаме (и потребата од места каде што може добро да се надоградуваме), ќе започнеме со работилници. Сеуште ја обработуваме идејава, очекувајте вести наскоро.
Во кратки црти, станува збор за специфични практични вештини. Има навистина многу места каде што некој може да научи да напише web апликација, ама не знаеме за ниедно каде што некој може да ве научи како да оптимизирате постоечка web апликација со спор render cycle, на пример.
3. Поддршка и организација на ИТ настани
Организација за BeerJS, поддршка за локални настани и конференции правиме веќе 6та година. Верувам дека ќе се согласиме дека знаеме да направиме добар ИТ настан. Почнувајќи од денес, спремни сме да ви помогнеме и за вашиот, без разлика дали е комерцијален или не. За многу разумни цени. Our DMs are open 😉